Во судницата, со полициски комбиња веќе се спроведени обвинетите на кои им е одредена мерка притвор, пристигнаа и дел од родителите и роднините на загинатите.
Во судницата во Идризово денеска треба да продолжи судскиот процес за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани во кој на 16 март годинава загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На денешното рочиште воведни зборови треба да даде одбраната на обвинетиот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон секјурити солушнс“, Александар Нацев, како и правните застапници на трите обвинети фирми за трагедијата.
Со тоа треба да заврши фазата на воведни зборови.
Во зависност од динамиката во која ќе се одвива излагањето на адвокатите, рочиштето би требало да продолжи со искази на сведоци на Обвинителството.
Ова на минатото рочиште го најави судијката Диана Груевска-Илиевска која претседава со петчлениот судечки совет, која побара од Обвинителството да обезбеди сведоци за денешното рочиште.
Во судницата, со полициски комбиња веќе се спроведени обвинетите на кои им е одредена мерка притвор, пристигнаа и дел од родителите и роднините на загинатите.
Инаку, тие на последниот 34. по ред Марш за ангелите, одржан во саботата побараа проширување на истрагата, утврдување индивидуална одговорност и јавно образложение од надлежните, зошто и одредени лица досега не се опфатени со постапката.









