Ќе наполнеше 45 години: Се сеќаваме на Тоше

0
124

Денес, на 25 јануари, македонската музичка легенда Тоше Проески ќе ги дуваше своите 45 свеќи на тортата. Иако за многумина времето застана во кобната 2007 година, тој и понатаму живее преку своите безвременски песни и дела. Нашиот Тоше беше човек кој знаеше како да ги сплоти сите – кај него поделби немаше.

Иако неговиот живот беше краток, Тоше зад себе остави многу повеќе од музика. Остави порака, човечност и надеж дека добрината и заедништвото не се изгубени вредности. Неговата ведрина, искреност и насмевка останаа врежани во колективната меморија, а вистинската големина на неговото дело најсилно се почувствува утрото кога Македонија засекогаш се прости од него.

Во петокот, во аулата на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, се одржа културно-уметничкиот настан „Тоше, те сакаме“, посветен на животот и делото на Проески.Во рамки на традиционалните активности на Црвениот крст на Град Скопје, денеска ќе се реализира и крводарителска акција посветена на хуманоста и ликот на Тоше Проески. Акцијата, која со години прерасна во препознатлива хуманитарна традиција, секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе. Годинава, таа ќе се одржи во холот на Домот на АРМ, во периодот од 9:00 до 17:00 часот.