Скопјанец добил „честитка“ дека поминал на црвено додека правел место да помине возило на Брза помош

0
183

Додека системот „Безбеден град“ ги одбројува последните денови од тест-периодот пред официјалниот старт на казнувањето на 1 февруари, на социјалните мрежи сè почесто се споделуваат ситуации кои ја доведуваат во прашање неговата практична примена. Еден скопјанец се пожали дека добил опомена, односно таканаречена „честитка“, иако направил хуман потег – навлегол во раскрсница на црвено светло за да овозможи поминување на возило на Брза помош.

Настанот се случил кај Транспортниот центар во Скопје. Според сведоштвото на возачот, камерите регистрирале прекршок и покрај тоа што тој и уште неколку возила биле принудени да навлезат во крстосницата со цел да се ослободи пат за итното возило. „А всушност неколку коли навлеговме во раскрсницата кај Транспортен центар, за да помине Брза помош…“, напиша тој во својата реакција.

Она што дополнително ја вознемирува јавноста е што вакви ситуации би можеле да станат правило по 1 февруари, кога системот ќе почне автоматски да изрекува казни. Возачот наведува дека, доколку тоа се случело по овој датум, би бил принуден да губи време и денови низ институциите за да докаже дека не направил прекршок. „Да беше 01.02. ќе изгубев неколку дена докажувајќи се по институции дека не сум направил прекршок…“, додава тој.

Овој случај отвора сериозни прашања околу функционалноста на системот „Безбеден град“ – дали софтверот има можност да препознае приоритетни возила, како што се Брза помош, полиција и пожарна, и автоматски да ги поништи прекршоците на возачите кои им отстапуваат пат, или граѓаните ќе бидат оставени сами да ја докажуваат оправданоста на ваквите постапки преку жалби и долги административни постапки