Некои луѓе не заслужуваат да бидат коментирани рече денеска премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во врска со вчерашниот настан во Тетово каде новинар и побара преведувач на министерката за образование Јаневска.
Според премиерот институциите нема да бидат дел од “циркус и естрадни препукувања.”
Со реакција се огласи и Владата од каде бараат Советот за етика во медиумите, Здружението на новинарите и Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници, како релевантни организации, јавно и недвосмислено да го осудат ваквиот чин на однесување.
„Изразуваме сериозна загриженост и остра реакција на неодамнешниот настан на јавен медиумски настан, при кој новинарот Невриј Адеми, со очигледно несоодветен тон, непримерна реторика и недолично формулирано прашање се обрати кон Министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Особено не загрижува фактот што ваквиот непримерен однос не претставува изолиран инцидент, туку повторување на веќе забележано однесување кон истата носителка на јавна функција. Ова отвора сериозни прашања за почитувањето на основните професионални стандарди, етички норми и принципи на комуникација во јавниот простор.Воедно, Владата јасно им укажува на сите носители на јавни функции, дека од нив се очекува највисоко ниво на почит и коректност кон медиумите и новинарите. ” велат од Владата.
Вчерашната комуникација меѓу министерката и новинарот предизвика бурни реакции во јавноста особено на социјалните мрежи, од граѓани како и од истакнати новинари и образовни работници кои го искритикуваа начинот на кој и беше поставено прашањето на Јаневска без персирање.
Инаку ова е вторпат во неполн месец Јаневска да се соочи со истото барање во Тетово. Нејзиниот став останува непроменет: Македонија има еден службен јазик кој е мост за сите граѓани „Оваа земја е заедничка и треба да се почитуваме. По можност да си ги знаеме јазиците, но ако не се разбереме, треба да си помогнеме едни на други“, порача с министерката, повикувајќи на меѓусебна поддршка наместо на создавање вештачки бариери.









