СДСМ „удри“ по градоначалникот на Крива паланка од своите редови поради отворање на рудник за антимон

0
108

Се заострува реториката во опозицијата по најавите за ископ на антимон во рудникот „Крстов Дол“, во близина на Крива Паланка. Претседателот на социјалдемократите, Венко Филипче, го повика градоначалникот Митовски да одговори дали работи во интерес на власта, бидејќи, како што вели, се наметнува впечаток дека проектот е повеќе политичко дело на ВМРО-ДПМНЕ, објави ТВ 24

На ист став со Филипче е и неговата партија. Од опозициската СДСМ излегоа со тврдења дека зад концесијата стојат бизнисмени блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кои, според нив, се и донатори на партијата. Оттаму оценуваат дека станува збор за класична партиска концесија, која може сериозно да се одрази врз здравјето на граѓаните и животната средина.

Градоначалникот Митовски пак за Телевизија 24 вели дека е време раководството на партијата да се вразуми и да почне да носи разумни одлуки и решенија, наместо „Фејсбук-соопштенија“. Митовски додава дека ќе се слушне гласот на народот доколку дојде референдумска иницијатива до општината. Во однос на концесијата, посочува дека не може да тврди дали станува збор за донатор на владејачката партија, бидејќи, како што вели, процесот е започнат во 2015 година, кога тој не бил дел од општината.

Сашко Митовски, градоначалник на Крива Паланка

„Ќе се слушне гласот на граѓаните. Веќе имам и официјално соопштение во врска со ова, но нагласувам дека, доколку дојде иницијатива до општината, ќе има референдум. Сè е во почетна фаза – треба да ги запознаеме граѓаните со сите аспекти, вклучително и влијанието врз здравјето и животната средина. Сметам дека наративот во соопштенијата е погрешно пренесен. За концесијата и ВМРО-ДПМНЕ не знам, ниту можам да тврдам – процесот е почнат во 2015 година, кога не сум имал надлежност и не сум бил дел од општината. За обвинувањата на СДСМ ќе кажам дека државотворна партија ја сведовме на состојба ставовите да се пренесуваат преку непримерни соопштенија. Ја повикувам партијата и раководството да се вразумат и одлуките да ги носат разумно. Со ваква тенденција, единствен губитник е СДСМ“, вели Митовски.

Плановите се експлоатираниот антимон од рудникот во кривопаланечкото село Луке да се извезува во САД, каде што ќе се преработува во топилница што ќе се гради во сојузната држава Оклахома. Минералот антимон е ретка суровина која најчесто се користи во индустријата и технологијата, при производство на батерии, огноотпорни материјали и легури.