Најголем дел од загинатите во „Пулс“ починале од задушување со јаглерод моноксид

0
61

Најголем дел од загинатите во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, починале од насилна смрт, како резултат на задушување од труење и интоксикација од јаглерод моноксид. Ова го констатирале обдукциските протоколи, односно наоди изготвени од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, што од страна на Обвинителството беа презентирани на денешното рочиште од судскиот процес за трагедијата, со што започна фазата на изведување на материјални докази.

Извештаите од Судска медицина за причините за смртта на настраданите ги презентираше обвинителката Наташа Сарамандова.

Додека ги наведуваше извештаите од Судска медицина како што се заведени по ознака и број, документите беа прикажувани на голем екран во судницата. Таа поединечно по име и презиме причините за смртта на секој од загинатите ги наведе според мислењето од извештаите на Судска медицина.

Околу 50 од нив, како што наведе обвинителката, починале од труење со јаглерод моноксид и нивната смрт била насилна. Четворица од жртвите, според обдукциските протоколи што ги презентира обвинителката, починале од притисок врз градниот кош. Тројца од жртвите го загубиле животот како резултат на недостаток на воздух и кислород во околната средина.

Додека обвинителката ги читаше извештаите и констатираните причини за смртта, меѓу родителите можеше да се слушне тивок плач. Обдукцијата на три од жртвите кои починале во текот на лекувањето, исто така, констатира насилна смрт, која настапила поради акутна слабост на белите дробови од интоксикација од јаглероден моноксид, а кај еден поради изгореници од трет степен на главата и телото.

Обвинителството изведе и писмен одговор од Судска медицина, за кој рече дека содржи одговори на прашања колкаво присуство во крв е смртоносно и колку брзо настапува смрт при задушување со јаглероден моноксид, потоа кои се специфични и неспецифични индикации и која е разликата меѓу задушување и труење со јаглероден моноксид, како и дали би биле спасени доколку биле подложени на кислородна терапија на местото на настанот и во болниците.

 

Извор 360