Уривање на унитаризмот“ наспроти „театар и шоу“ – жестока пресметка меѓу пратениците Албанци за правичната застапеност

0
18

Вистинска бура во парламентот предизвика денешната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците на која требаше да се донесе одлука како да се гласа предложеното законско решение за соодветна и правична застапеност, објави Фокус.

Поточно, како да се примени бадентеровиот механизам за гласање. Дали да се гласа со т.н. „голем бадентер“, поточно со мнозинство во вкупната бројка пратеници што не се Македонци – како што бараше опозицијата, или, пак да се примени „мал бадентер“, односно – мнозинство од присутните народни претставници кои припаѓаат на немнозинските заедници, како што беше предложено од владејачкото мнозинство. Епилогот од седницата покажа дека мнозинството го изгласа решението понудено од нив. Што значи дека кога во законодавниот дом ќе се гласа за предлог-законот за соодветна и правична застапеност, за него ќе се применува двојното гласање со обично бадентерово мнозинство.

За опозициските претставници од Европскиот фронт, предводени од ДУИ, но и поддржани од пратениците од сега новоформирната Албанска Лига на Зијадин Села, ваквото решение го сместија во редот на национални предавства за Албанците. Најжесток во настапот беше Блерим Беџети од ДУИ кој, пред гласдањето, ги предупреди неговите колеги Албанци во власта, да внимаваат како ќе гласаат. „Јас се надевам дека денешното гласање нема да значи почеток на уривањето на унитарниот карактер на државата. Затоа што сме сведоци на мајоризација што се случува околу нас. Затоа овој закон мора да се донесе со ’голем Бадентер’ и никако поинаку“, предупреди Беџети. Во еден момент тој влезе и во конфликт со претседавачот на седницата – пратеникот Аднан Азизи од ВЛЕН, кој го обвини Беџети дека прави “шоу, драма и театар“ со седницата.