Триесетдневен притвор за раководните лица во ЈП „Комуналец“ Гостивар

0
13

Тројцата осомничени за хаваријата во водоводот во Гостивар добија триесетдневен затворски притвор.

По барање на ОЈО Гостивар, судија на претходна постапка им одреди притвор на Артана Асани, Леон Уредини и Вадедин Дервиши од Гостивар, кои се на високи раководни функции во комуналното претпријатие во Гостивар.

Според судот, мерката е определена поради тежината на делото и висината на запретената казна, која предвидува најмалку четири години затвор.

Дополнително, било оценето дека доколку осомничените се бранат од слобода, постои ризик да се дадат во бегство, како и да влијаат врз сведоците кои треба да бидат сослушани во текот на истрагата.

Со оваа одлука, тројцата осомничени ќе останат во притвор во наредните 30 дена, додека продолжува истражната постапка за случајот што предизвика епидемија и сериозна загриженост кај жителите на Гостивар.

Претходно, од ОЈО најавија и можно проширување на истрагата доколку за тоа се јави потреба.