Европратеничката Јовева: Македонија не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет

0
16

Европратениците во Европскиот парламент дебатираа за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграција, а словенечката европратеничка Ирена Јовева порача дека пристапниот процес мора да остане фокусиран на реформите и европските критериуми, наместо на прашања поврзани со идентитетот, јазикот и историјата.

Во расправата по Извештајот за напредокот на Македонија, Јовева истакна дека земјата не треба да биде заложник на политички агенди кои немаат допирна точка со европските вредности и принципи.

-Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите.
Европската Унија е создадена за заедничко градење на иднината, а не за издавање сертификати за постоењето на народите, рече европратеничката.

Според неа, Европскиот парламент не треба да се претвора во место каде што се водат историски расправи, туку да остане институција што ги оценува реформите и напредокот на земјите кандидатки врз основа на објективни критериуми.

Јовева ги отфрли и толкувањата дека гласањето за извештаите претставува победа за една, а пораз за друга страна, нагласувајќи дека европската интеграција не смее да се претвори во натпревар меѓу државите.

-Македонците денес не беа на тест. Европа е, порача Јовева, додавајќи дека суштинското прашање е дали Европската Унија ќе остане доследна на своите вредности и принципи во процесот на проширување.