Македонски државјанин е главен осомничен за убиството на 45-годишна жена во близина на Ханија на грчкиот остров Крит, а според грчките медиуми, тој веќе го признал злосторството.
Како што објавува грчкиот портал „Прототема“, станува збор за 43-годишен македонски државјанин кој живеел како потстанар во куќата на Ставрула Левендаки, која исчезнала на 30 мај. Нејзиното тело било пронајдено утрово во рурална област во близина на Ханија.
Според досегашните информации, осомничениот признал дека по расправија со сопственичката на куќата ја нападнал и ја убил, а потоа го ставил нејзиното тело во вреќа и со автомобил го пренел до нива, оддалечена околу пет километри од куќата, каде што го закопал.









