Огромен успех за Лина Ѓорческа – ќе игра на Вимблдон

0
13

Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира на главниот турнир на Вимблдон, како прва македонска тенисерка во поединечна конкуренција.

Ѓорческа попладнево во третото коло од квалификациите ја победи Лусија Бронцети од Италија со 2:0 во сетови (6-1, 6-2) за 73 минути игра.

До својот историски прв настап на грен слем турнир Ѓорческа дојде со три победи во квалификациите, откако претходно беше поуспешна од Шпанката Анхела Фита Болуда и Франциска Жорге од Португалија.

Денешната ривалка на Ѓорческа беше 20. носителка во квалификациите и 127. рангирана тенисерка на ВТА листата, 96 места погоре од македонската тенисерка.

Првиот сет и припадна убедливо на Ѓорческа со 6:1 во гемови, иако противничката го освои првиот гем со брејк, но потоа следуваше серија од шест гема за македонската тенисерка и сетот го доби за 31 минута.

На стартот од вториот сет по водството на Бронцети од 1:0, Ѓорческа во 2. гем спаси осум брејк топки и по 20 одиграни поени израмни на 1:1 во гемови, а потоа веднаш направи брејк за водство од 2:1 и предноста ја зголеми на 3:1. Во следните два гема немаше брејк и Ѓорческа ја задржа предноста од два гема – 4:2. Македонската тенисерка во седмиот гем направи уште еден брејк за водство од 5:2 и во следниот гем на свој сервис само ја потврди победата и пласманот на Вимблдон.

Извлекувањето на двојките за главниот турнир ќе се одржи утре.