Клековски најави: Нови лекови на позитивна листа од јули, „Клексан“ и „Фраксипарин“ ќе се земаат во аптека

0
14

Нови лекови ќе бидат ставени на позитивната листа во текот на претстојниот месец, најави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, за време на одржаниот брифинг со новинарите.

Проширувањето на листата главно се однесува на терапија со антикоагуланси, односно лекови против згрутчување на крвта.

Значи, конечно ќе ги има во аптека Клексан и Фраксипарин, и плус уште еден. Се работи за лекови, антикоагуланси. Генерално, за неколку различни популации. Да кажеме од акутни случаи, постоперативно, за спречување на коагулации после тешки интервенции. На пример после замена на колк, се користат кај повозрасната популација со срцеви проблеми – појасни директорот.

Клековски се осврна и на актуелната пракса за масовно пропишување на овие лекови кај одредени категории на пациенти, за што смета дека е потребна детална контрола.

Кај патолошките бремености, сега планираме специјален состанок со ГАК, оти е комплетно нејасно на што тие одлучуваат дека е патолошка бременост, бидејќи две третини од бременостите се веќе патолошки, што е ненормално. Мислам, не може две третини да е патологија – рече Клековски.

Директорот на ФЗО појасни дека во официјалните индикации на лекот „Клексан“ не е наведено оти истиот треба да го примаат сите трудници по автоматизам. Тој потенцираше дека лекот треба да го земаат исклучиво бремени жени со точно одредени медицински индикации, а во Малмед претходно немало одобрение за таква широка употреба.

Како клучни приоритети на Фондот во наредниот период, Клековски ги посочи зголемениот надзор над масовната потрошувачка со рецепт, борбата против злоупотребите и измамите со лекови, како и обезбедувањето простор и буџет за воведување на современа и поскапа терапија за граѓаните.