Милошоски ја обвини Левица за блокирање на Изборниот законик – Апасиев најави блокада на Законот

0
21
Screenshot

Предлог-измените на Изборниот законик ќе бидат доставени до Собранието со сите усогласени измени согласно препораките на ОДИХР, но без измените на членот 76-д, кој се однесува на средствата за изборно рекламирање. Ова денеска го соопшти пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој е член на работната група за реформа на изборното законодавство.

Причината за ова, според Милошоски е во партијата Левица, чии претставници во работната група сега одбиваат да ги потпишат измените што самите претходно ги побарале. Тој објасни дека Левица била ко-предлагач на компромисното решение за распределба на буџетските средства за политичко рекламирање, но дека денес нивните пратеници соопштиле оти нема да бидат потписници на предлогот.

Од друга страна, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, ги отфрли овие обвинувања и изјави дека за предложените измени не е постигнат консензус.

Според него, останале нерешени пет клучни прашања, меѓу кои и државното финансирање на изборните кампањи. Апасиев оцени дека станува збор за политичка дискриминација кон Левица и најави дека партијата ќе поднесе иницијатива до Уставен суд за членот 76-д. Тој предупреди дека, доколку процесот продолжи во оваа форма, пратениците на Левица ќе го блокираат усвојувањето на Изборниот законик.