Собранието го усвои новиот закон за игри на среќа: 500 метри оддалеченост од училишта и построги правила за рекламирање

0
29

Собранието денеска го усвои новиот Закон за игрите на среќа и за забавните игри, со кој, како што соопшти Министерството за финансии, се воспоставува значително појасна и построга регулаторна рамка за целиот сектор.

Со законските измени, прво се предвидува засилена контрола и надзор врз приредувањето на игрите на среќа, со цел намалување на сивата економија и спречување на финансиски злоупотреби. Од Министерството посочуваат дека законот е усогласен и со меѓународните стандарди за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Една од новините се однесува на регулирањето на „подарување“односно „giveaway“ активности, за кои отсега ќе биде потребна дозвола за приредување и плаќање соодветна давачка.

Со законот се уредува и дека правото на приредување на лотариски игри, како и електронските и интернет игрите на среќа, ќе биде во надлежност на државата, која ќе ги организира преку трговско друштво во државна сопственост.

Во делот на сопственичката и управувачката структура, се воведуваат критериуми за „fit and proper“ стандарди, со кои членовите на управните органи, содружниците и поврзаните лица ќе мора да исполнуваат услови за интегритет и соодветност.

Исто така законот забранува надворешно рекламирање, вклучително и светлечки реклами и реклами, а се забранува и поттикнување учество на малолетници или пак содржина која ги поврзува игрите на среќа со решавање лични или социјални проблеми.

„Посебен акцент е ставен и на регулирањето на рекламирањето на игрите на среќа. За првпат јасно се забранува рекламирање на надворешниот дел од деловните простории, како и користење светлечки и агресивни реклами. Истовремено, се забранува рекламирање кое создава впечаток дека игрите на среќа се средство за финансиски успех, решение за лични или социјални проблеми или кое директно или индиректно ги поттикнува малолетниците да учествуваат во нив“, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Новина е и воведувањето задолжителна оддалеченост од најмалку 500 метри помеѓу објектите за игри на среќа и основните и средните училишта, што се оценува како мерка за заштита на младите.

Се воведуваат и нови правила за отворање деловни простории, со кои се ограничува можноста за добивање повеќе лиценци со ист основен капитал, односно за секоја дополнителна лиценца ќе биде потребно зголемување на капиталот.