Денес се очекува да биде обелоденета реконструираната Влада – кои ќе бидат новите министри?

0
94

Денеска се очекува да станат познати деталите за најавената реконструкција на Владата, по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Иако во изминатите денови се појавија информации за можни промени во повеќе министерства, премиерот Христијан Мицкоски не откри имиња, посочувајќи дека договорот со коалициските партнери е постигнат на принципиелно ниво.

„Не разговаравме за персонални решенија, туку за ресорите. По седницата јавноста ќе ги има сите детали“, изјави Мицкоски.

Според досегашните најави, промените ќе опфатат повеќе владини позиции, а меѓу министрите за кои се споменува заминување е и Фатмир Лимани, кој порача дека функциите не се поважни од резултатите и работата за младите.

Во меѓувреме, од коалицијата ВЛЕН најавија дека во идниот состав би имале шест министерски места, со преземање на нови ресори, меѓу кои правда, култура и односи меѓу заедниците.

Од опозициската Демократска унија за интеграција реагираа дека промените нема да донесат суштинска разлика и дека досегашното учество на ВЛЕН во Владата, според нив, не донело очекувани резултати.

Конечниот состав на Владата и новите кадровски решенија се очекува да бидат соопштени по завршувањето на партиската седница.