Со изгласувањето на Законот за игрите на среќа во Собранието, власта донесе една од најштетните економски и правни одлуки во државата. И покрај предупредувањата на домашната и меѓународната експертска јавност, економските анализи, аргументите на легалната индустрија и бројните апели за јавна расправа, беше донесен закон кој нема да ги заштити граѓаните, туку ќе создаде услови за уништување на легалниот пазар и експанзија на нелегалното играње, се вели во соопштението од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ), кое ви го пренесуваме во целост.
-Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) уште еднаш укажува дека законот беше донесен без суштински дијалог со секторот кој го претставува, а чини повеќе од 95 проценти од легалниот пазар, без транспарентна јавна расправа и без да биде прифатен ниту еден аргумент на домашните и странските експерти кои предупредуваа дека предложените решенија се економски неодржливи, правно спорни и спротивни на европските стандарди.
Дополнително, самиот процес на подготовка на законот беше нетранспарентен. Законот не беше објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), иако тоа претставува задолжителен чекор во постапката за подготовка на законите. Со избегнувањето на ЕНЕР, јавноста, експертите, стопанските комори, невладиниот сектор и засегнатите компании беа лишени од можноста да дадат свои мислења, предлози и забелешки. Таквиот начин на носење закон отвора сериозни сомнежи за почитувањето на принципите на транспарентност и добро владеење









