Повеќе од 1.000 работници се на терен по поројниот дожд што попладнево го зафати Скопје, а булеварите се проодни и нема жртви, информира скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој соопшти дека екипите на Град Скопје и јавните претпријатија веднаш излегле на терен по невремето и со брза, навремена и координирана реакција спречиле поголеми последици.
Според Ѓорѓиевски, службите остануваат целосно мобилизирани и ќе бидат на терен во текот на целата ноќ, сè додека има потреба од интервенции и поддршка за граѓаните.
„Екипите на Град Скопје и јавните претпријатија се будни, мобилизирани и на терен. Така ќе остане во текот на целата ноќ, сè додека има потреба од интервенција и поддршка за граѓаните“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека е во постојана координација со градоначалниците на скопските општини, како и со сите надлежни институции.
„Нема простор за паника, но има обврска за брза реакција и целосна посветеност. Скопје и скопјани не се оставени сами. Скопје има луѓе кои се на терен кога е најпотребно“, порача градоначалникот.









