ЦУК: Невремето предизвика поплави и штети во повеќе региони, службите се на терен

0
23
Screenshot

Во Скопскиот Регион велат дека освен проблемите со поплавени подвозници, улици и кружни текови, имало пријави и водата навлегла во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде се поплавени подрумите и гаражите, а вода има и во главниот хол и Амфитеатарот

Обилните врнежи од дожд и невремето во текот на денот зафатија повеќе делови од државата, предизвикувајќи штети врз инфраструктурата, но и на приватни и јавни објекти. Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) велат дека преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 пристигнале пријави од граѓани за поплави, паднати дрвја и блокирани патишта, по што сите надлежни институции излегле на терен за санирање на состојбата.

Во Скопскиот Регион велат дека освен проблемите со поплавени подвозници, улици и кружни текови, имало пријави и водата навлегла во просториите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде се поплавени подрумите и гаражите, а вода има и во главниот хол и Амфитеатарот.

Пријавено било и полнење на Усјанскиот канал на улицата „Божин Николов Силни“ во Горно Лисиче, каде постои опасност од прелевање во дворовите. Зголемено ниво на водата бележи и реката Серава кај улицата „Призренска“ во Бутел.

 

„Поради поплавените улици, кружни текови и подвозници, движењето на возилата е значително отежнато. И понатаму пристигнуваат пријави за поплавени куќи и станбени згради, а надлежните служби постапуваат по сите пријави“,

велат од ЦУК.

Силниот дожд предизвика сериозни главоболки и во Куманово. Пријавени се поплавени подрумски простории на сообраќајниците „Моша Пијаде“, „Октомвриска револуција“, „Бајрам Шабани“, „Трета МУБ“ и „11 Октомври“. Вода навлегла и во објектот на „Комодита“ на улицата „Гоце Делчев“, на улицата „Веселин Маслеша“, како и на улицата „ЈНА“ кај „ЛП Плаза“.

Од ЦУК додаваат дека екипите на Територијалната противпожарна екипа од Куманово и комуналните претпријатија работат на терен.

Во Полошкиот Регион, најкритично е во селото Нераште во Општина Теарце. Поради недоволниот капацитет на каналскиот систем, атмосферските води поплавиле дел од селото околу новата џамија. Водата навлегла во неколку куќи и подруми, предизвикувајќи материјална штета. Општинските служби веќе работат на расчистување, а формирана е и посебна комисија за проценка на штетите.

Невремето проследено со силен ветер предизвика прекини во сообраќајот и штети на возила во Велешкиот и Струмичко-Радовишки Регион.

Во Општина Велес, екипи на ЈКП „Дервен“ отстранувале паднато дрво кај Ликовниот салон во Велес, додека „Македонија пат“ интервенирале во четири наврати – трипати на автопатот Скопје – Градско поради паднати дрвја и еднаш на патот Велес – Градско поради одрон.

Во Кавадарци се интервенирало на патот кон Витачево, а во Свети Николе се испумпувала вода во селото Ерџелија.

Во Струмица ветерот соборил дрво, електрично броило, како и жици и бандери. Во Радовиш, пак, паднато дрво оштетило автомобил, а поплавени се и три градски улици.

Надлежните служби апелираат до граѓаните на внимателно движење, особено во близина на поплавените подвозници и патните правци каде има појава на одрони.