По помалку од два месеци од претходните, во македонското Собрание се доставени нови измени на Законот за студентски стандард, со кои се заострува сместувањето во државните студентски домови. Измените ќе значат воспитни мерки до забрана за престој, како и определување на 30-годишна возраст, како горна граница, до кога ќе може да се добие сместување во дом.
Со законските измени, на студентите кои не се придржуваат на утврдениот куќен ред може да им се изрече воспитна мерка писмена опомена, опомена пред отстранување и забрана на користење на услугите во студентските домови на територија на државата. Овие мерки за за полесни прекршоци, како недолично и неодговорно однесување кон другите студенти и вработените во студентскиот дом, неодговорно однесување кон имотот и инвентарот на студентскиот дом со што се предизвикува помала материјална штета, непочитување на забраната за пушење во студентскиот дом, непристојно однесување во ресторанот на студентскиот дом, неодржување на хигиената во собата и заедничките простории во студентскиот дом и пуштање на гласна музика.
За потешки повреди на куќниот ред на студентскиот дом, може да биде изречена забраната на користење на услугите во студентските домови на територија на Македонија во период од една до пет години.
Потешка повреда е на пример, внесување и употреба на алкохол во собата, отстапување на користење на собата на друго лице со стекнување на материјална корист, како и нередовно плаќање на станарината.
По конечната одлуката за некоја изречена воспитна мерка, студентските домови ќе имаат обврска во рок од три дена да го известат Министерството за образование и наука.
Измените на Законот за студентски стандард се поднесени пред четири дена со потпис на четири пратенички од ВМРО ДПМНЕ.
Претходните измени на истиот закон, во втората половина на мај, предизвикаа различни реакции во јавноста. Со нив се воведуваше нова поделба на студентските домови и се менуваше моделот на државно финансирање за сместување и стипендии.
Со тие измени, студентските домови се препознаваат како два типа, при што се прави разлика меѓу реконструирани и постојни домови, кадешто во реновираните домови студентите ќе плаќаат повисока, додека во постојните пониска цена за престој. Воедно, се редефинираше и системот на стипендии, па повеќето реакции дека ќе се намали бројот на стипендии за студенти од социјални категории од 49 на 40 проценти.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, пак, рече дека нема намалување на студентските стипендии.
„Бројот на стипендии не е уреден со закон, туку се утврдува секоја година согласно Буџетот и потребите на државата. Со измените се предвидува подобро прераспределување на стипендиите за да имаме стипендии базирани на успех, потребите на државата и пазарот на трудот“, соопшти тогаш Јаневска.









