Двајца тетовчани сакале да наместат лажна сообраќајка со цел да извршат осигурителна измама, ама ги снимиле камерите на „Безебеден град“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
„На 8 јули во 21:55 часот, С.А. (44) од тетовското село Џепчиште пријавил дека на крстосницата меѓу улиците „135“ и „Саво Тасевски“ се случила сообраќајна несреќа, при што четирицикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од Ш.А. (45) од село Јажинце, излетал од коловозот и се превртел. По извршените проверки, полициските службеници ги прегледале снимките од безбедносните камери на системот „Безбеден град“ и утврдиле дека четирициклот воопшто не учествувал во сообраќајна несреќа. Наместо тоа, бил донесен на местото со возило на влечна служба, растоварен, а потоа намерно превртен од неколку лица на тротоарот со цел да се инсценира незгода“ соопшти МВР.
По насоки на Основното јавно обвинителство Тетово, четирициклот бил одземен и задржан за понатамошна постапка.









