Во услови на силно невреме, кога низ Скопје паѓаа дрвја и летаа делови од покривни конструкции, возач на автобус на ЈСП со својата смиреност и професионалност се погрижил патниците безбедно да стигнат до своите домови.
За неговата постапка сведочи скопјанка која се превезувала со автобусот на линијата 65 кон Раштак. Невремето ги затекнало кај Бит-пазар, каде парчиња од околните објекти удирале во автобусот, а дрвја паѓале во непосредна близина.
И покрај опасната ситуација, возачот останал прибран и го однел автобусот на безбедно во гаражата во Автокоманда. Таму почекал да помине најсилниот удар на невремето, по што го продолжил патувањето и ги однел патниците до нивните одредишта.









