Америка и Иран продолжуваат со нападите – цените на нафтата веднаш скокнаа

0
19
Screenshot

САД нападнаа повеќе од 80 цели во Иран како одговор на иранските напади врз комерцијални бродови во Ормутскиот теснец, што предизвика напади од страна на Техеран врз американските бази во Кувајт и Бахреин утрово.

Вашингтон, исто така, повторно воведе економски санкции врз иранската нафта.

Двете страни се обвинуваат меѓусебно за кршење на меморандумот за разбирање, потпишан на 17 јуни, за завршување на војната што започна на 28 февруари со американско-израелскиот напад врз Исламската Република.

Договорот вклучуваше повторно отворање на Ормутскиот теснец, низ кој вообичаено минуваат 20 проценти од светската сурова нафта и течен природен гас, чие затворање ја дестабилизираше глобалната економија и предизвика нагло зголемување на цените. Меморандумот, исто така, вклучуваше укинување на американските санкции врз иранската нафта.

Три брода беа нападнати вчера во Ормутскиот теснец, соопшти во вторник британската агенција за поморска безбедност UKMTO. Катар и Саудиска Арабија го обвинија Иран за два од нападите.

Осудувајќи ги „иранските напади и флагрантните прекршувања на прекинот на огнот“, американската војска започна серија напади врз Иран, тврдејќи дека погодила повеќе од 80 цели, вклучувајќи ирански системи за воздушна одбрана, соопшти Централната команда на САД (Центком).

Иран, чии медиуми во вторникот објавија за експлозии на локации во близина на Ормутскиот теснец, веднаш ги предупреди САД за „кршењето“ на меморандумот за разбирање, наведувајќи дека ќе „преземе решителни мерки за заштита на своите интереси и национална безбедност“.

Иранската револуционерна гарда, идеолошката армија на Иран, рано утрово објави дека нападнала 85 објекти во американските воени бази во Кувајт и Бахреин.

Други детали за иранскиот напад сè уште не се објавени.

Цените на нафтата скокнаа

Цените на нафтата скокнаа за речиси три проценти откако САД започнаа напади врз Иран.

Цената на суровата нафта од типот Брент, меѓународен стандард, скокна за 2,6 проценти на 76,09 долари за барел рано утрово, додека цената на американската референтна сурова нафта исто така се зголеми за 2,6 проценти на 72,25 долари за барел, објави АП, потсетувајќи дека цените неодамна паднаа на нивоата на кои беа пред почетокот на војната со Иран кон крајот на февруари.

Кога станува збор за промените во вредноста на светските валути, американскиот долар се искачи на 162,38 јапонски јени, а еврото остана непроменето на 1,1414 долари.