Државата веќе нема од буџетот да ги плаќа „Бехтел и Енка“ за автопатите, подигнува кредит од 140 милиони евра кај банките

0
16

Владата со средства од буџетот ги исплаќаше директно обврските кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за автопатите од Коридор 8 и Коридор 10Д се до 2 јуни годинава кога владата на седница официјално одобрила барање за заеднички кредит од четири деловни банки од Македонија со издадена државна гаранција, објави Фокус

На изведувачот на автопатите Тетово – Гостивар – Букојчани, Требеништа – Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола секоја година редовно му се исплаќаше по 100-тина милиони евра според обврските и динамиката на работа кои произлегуваа од договорот и специјалниот закон, но за оваа година ќе се земе кредит од Стопанска банка, Комерцијална банка, Халк банка и НЛБ банка.

Синдицираниот кредит ќе изнесува 140 милиони евра. Ќе се користи во наредните 30 месеци. Грејс периодот е три години, а ќе се отплаќа во наредните 12 години. Во Службен весник е објавено дека министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е овластена да ја потпише државната гаранција.

„Со оваа одлука, Владата издава државна гаранција со која го гарантира, навременото и целосно исполнување на обврските на Јавното претпријатие за државни патишта кон Комерцијална банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје, НЛБ банка АД Скопје и Стопанска банка АД Скопје по основ на провизија за одобрен, а неискористен износ на кредит, главен долг и камата по основ на одобрениот кредит кои произлегуваат од Договорот за синдициран кредит наменет за обезбедување на финансиски средства за финансирање на Проектот “Изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10д (делница на автопатот Прилеп – Битола)”, во износ од 8.610.000.000 (осум милјарди шестотини и десет милиони) денари, со рок на отплата 12 (дванаесет) години од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, во кој е вклучен грејс-период од 3 (три) години од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит, краен рок на користење на кредитот 30 месеци од датумот на склучување на договорот за синдициран кредит и договорна камата по каматна стапка во висина на референтната стапка, зголемена за каматна маржа од 1,24 процентни поени, годишно, декурзивно, но не помалку од 3,95% годишно и провизија за одобрен, а неискористен износ на кредит 0,1% годишно на неискористениот дел од кредитот, доколку Јавното претпријатие за државни патишта не ги исполнува и сервисира обврските од Договорот“, објавено е во Службен весник.