„Мицкоски ја излажа јавноста: Вмровецот Дарко Костадиновски на чекор да стане универзитетски професор во Штип“, велат од Левица

0
11

Левица преку соопштение обвини дека премиерот Христијан Мицкоски ја довел јавноста во заблуда со тврдењата дека не стои зад евентуалното вработување на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, на државен универзитет.

Од партијата тврдат дека по неуспешниот обид за ангажман на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, сега се прават подготовки Костадиновски да биде избран во наставно-научно звање на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Според Левица, Универзитетскиот сенат на УГД на седница, одржана на 27 мај, донел измени на правилникот за избор во наставно-научни звања, со кои се менува постапката за покренување избор на наставен кадар.

Од партијата оценуваат дека измените се направени со цел да се заобиколи досегашното противење на Катедрата за меѓународно право за распишување конкурс за нов кадар, бидејќи, како што тврдат, катедрата веќе располага со доволен број професори и асистенти.

Левица дополнително наведува дека Костадиновски нема обезбеден соодветен фонд на наставни часови, како и дека неговата докторска дисертација е од областа на меѓународното право, додека, според нивните информации, интересот бил насочен кон предавање предмети од областа на уставното право.

Во соопштението се изразува загриженост дека ваквите потези можат да ја нарушат довербата во високото образование и во принципот на универзитетска автономија.

Од Левица апелираат до раководството на Универзитетот „Гоце Делчев“ да не подлегнува на политички притисоци и да носи одлуки исклучиво врз основа на академски критериуми и потребите на наставниот процес.