Сојузот на борци од Народнослободителната и антифашистичка војна на Македонија и граѓаните продолжувачи-Тетово преку соопштение реагира на случувањата околу темата за преименување на улиците во Тетово, откако опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) поднесе предлог-листа на нови имиња на улиците во градот.
Предлогот беше ставен на дневен ред на денешната седница на Советот на Општина Тетово, но советниците од ДУИ бараа тоа да биде прва точка, па ја напуштија седницатакога тоа не им беше прифатено.
Сево ова се случува откако пред еден месец, Уставниот суд, токму по иницијатива на Сојузот на борците, ја укина Одлуката на Општина Тетово за преименување на повеќе улици во градот, донесена во далечната 2007 година од локалната власт под тогашна контрола на ДУИ.
Соопштението од Сојузот на борците од Тетово го пренесуваме во целост:
„Сојузот на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи-Тетово будно ги следи сите изјави, реакции и настани од денот на укинување на неуставната и незаконска одлука за промена на имиња на улици во Тетово донесена од Советот на Општина Тетово во 2007 година.
Во отсуство на соодветни реакции од страна на државните институции и македонските политички партии со ова соопштение до јавноста сакаме да упатиме остра реакција, јавна осуда и да изразиме револт од предлогот за промена на имиња на улици поднесен до Општина Тетово од страна на политичката партија ДУИ под број 08-8681/1 на ден 08.07.2026.
Замолуваме внимателно да го прочитате секој збор подолу.
Сите да знаат дека 2026 година не е 2007 година. Револтот од сегашноста го надмина стравот од минатото кај граѓаните на Тетово, па денес никој нема да молчи. Ниту еден обид за историски ревизонизам, за оживување на поразените сили, за рехабилитирање на поединци дел од антидржавни проекти, движења и организации од било кој историски период, за промовирање на фашизмот и балистичките фашисти, за истакнување на терористи, озогласени злосторници кои кренале рака на народот и државата, нема да помине. Исто така, во унитарната Македонија, каде рамноправно живее македонскиот народ со граѓаните од албанска, српска, турска, ромска, босанска и друга припадност, притоа градејќи ја македонската нација во современа, демократска и суверена држава, именувањето на улици во градот Тетово, со име на поединци со заслуги кои не се врзани со македонската нација, немаат универзално значење, туку се тесно врзани со историјата и општествените текови (или само со нивното еднострано толкување) на други држави и региони како Албанија, Косово и слично, не е прифатливо.
Секој треба да знае дека во државата Македонија секој формален и неформален гест, секое именување на инфраструктурен објект мора да се гради низ официјалниот македонски историски наратив, а не истиот да се стави во сенка на нечии романтичарски, политички или популистички желби. Ова е држава со свој уставно-правен поредок и историско-правен развој, а не мегдан за лечење на фрустрации, на начин кој не е дозволен никаде, во ниту една држава во светот
Денес јавно, јасно и гласно ги поставуваме следниве прашања:
Што значи терминот „Илирија“ на македонски јазик, за главниот градски булевар да го носи тоа име, исто како и плоштадот? Кое е значењето на овој збор?
фото: Билал Касами – Фб









