Комисијата за заштита на конкуренцијата „падна“ на ревизија — не знаеле кој доаѓа на работа, кој колку плаќа глоба

0
18

Исто така ревизорите утврдиле дека во најголемиот дел од 2024 година Комисијата не работела во полн состав, бидејќи функционирала со претседател и тројца, наместо четворица членови.

Неусогласена материјална и сметководствена евиденција, неосигурен имот, иако тоа е законска обврска, немање единствена евиденција за предметите во кои се изречени глоби, слабости во јавните набавки и немање целосна евиденција за присуството на вработените за 2024 година се само дел од забелешките на Државниот звод за ревизија за работењето на Комисијата за заштита на конкуренција. Исто така, ревизорите утврдиле дека во најголемиот дел од 2024 година Комисијата не работела во полн состав, бидејќи функционирала со претседател и со тројца, наместо четворица членови.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази мислење со резерва за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива на Комисијата за заштита на конкуренцијата за 2024 година, констатирајќи серија пропусти во финансиското работење, управувањето со државниот имот, јавните набавки и административната евиденција. Ревизорите констатирале дека пописот не бил спроведен согласно Законот за сметководство на буџетските корисници.

„Пописната комисија извршила физички попис на опремата, но не е извршено усогласување на сметководствената евиденција со фактичката состојба. Пописните листи содржат количински, но не и вредносни показатели“, се наведува во извештајот.

Дополнително, ревизијата утврдила дека амортизацијата од претходните години во сметководствената евиденција е прикажана во повисок износ за 546.000 денари, што влијае врз реалноста на Билансот на состојба. Една од посериозните забелешки се однесува на фактот дека институцијата не презела мерки за осигурување на имотот.

„Од страна на Комисијата не се преземени активности за осигурување на целокупниот имот со кој располага (зграда, опрема, благајна)“, стои во извештајот.

Според ревизорите, ваквата состојба создава ризик државата сама да ги сноси трошоците доколку настане штета.

Нема единствена евиденција за глобите

Ревизијата покажала дека Комисијата нема воспоставено единствен систем за следење на предметите и побарувањата по изречени глоби.

„Не е воспоставена пракса за единствена евиденција на предметите и побарувањата по истите, што може да доведе до ненавремена наплата, односно нивно застарување“, наведува ДЗР.

Во текот на ревизијата Комисијата изготвила евиденција на активните предмети, нивниот статус и висината на изречените глоби. Ревизорите извршиле контрола на сите четири јавни набавки спроведени во 2024 година, во вкупна вредност од 1,18 милиони денари, и констатирале неправилности кај две од нив.