МВР ќе поднесе кривични пријави против насилничките што го тепаа девојчето во Аеродром и против нивните родители за запуштање дете

0
185

Полицијата почна да го расчистува скандалозниот случај на меѓуврсничко насилство во Аеродром што беше сниман со мобилни телефони од страна на толпа малолетници. На видеата што вчера ги објави „Слободен печат“ се гледа како девојчето е малтретирано, понижувано, удирано со шлаканица од врсничка, натерано да клекне на колена додека друга врсничка ја држи за косата како „помагач“.

Од МВР за „Слободен печат“ утринава на прашањето какви мерки и активности се досега преземени во текот на вчерашниот ден добивме одговор дека во полициска станица извршен е разговор со двете малолетнички и со нивните родители и следуваат кривични пријави.

Вчера во 19 часот и 30 минути во СВР Скопје 31-годишната мајка на девојчето што беше малтретирано во парк во Аеродром, пријавила дека нејзината 12-годишна ќерка била физички нападната од 14-годишна малолетничка која била заедно со нејзина другарка и кои претходно ја натерале во два наврати да клекне на колена и да се извинува.

Потоа откако тргнала да си оди била физички нападната од друга малолетничка, а целиот чин бил снимен со мобилен телефон од повеќе малолетници кои биле присутни, а едниот од нив го познавала. Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители.

Известен е јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Во врска со предметниот настан се преземаат активности за утврдување на идентитетот и на други инволвирани малолетни лица за целосно расчистување на случајот по што ќе бидат поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „насилство“ по член 386 и за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање на малолетно лице“ по член 201 од Кривичниот законик, велат од МВР за „Слободен печат“.