Многу наседнаа на приказни, вели градоначалникот на Валандово за информациите за загадената вода

0
16

Водата од градскиот водовод на Валандово од денеска е повторно во целосна употреба согласно документ од надлежната Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), со кој се укинува досегашната забрана, соопшти денеска градоначалникот на Валандово, Ѓоко Камчев.

Јавното претпријатие „Комунален сервис“ од Валандово во средата првично соопшти дека, според резултати од Институтот за јавно здравје во Скопје, во водата во Валандово има арсен над дозволените граници, па поради тоа не се препорачуца за пиење. Вчера, пак, градоначалникот Камчев, презентираше нови резултати од вонредна анализа спроведена од овој Институт, во која е наведено дека измерената концентрација на арсен е 1,47 микрограми на литар, односно влегува под границите (10 микгрограми на литар).

Валандово како град, и населените места Чалакли, Дедели и Раброво, беа засегнати од квалитетот и безбедноста на водата за пиење во изминатиот период. Бевме сведоци на ситуација во која многумина наседнаа на одредени приказни водени паралелно со ситуацијата во Гостивар.

Можам слободно да кажам и поради тоа што бев директор на јавното комунално претпријатие пред 15 и повеќе години, дека квалитетот на водата во Валандово од она што го гледам во анализите не е променет од тогаш до денес. Бунарскиот систем којшто го користи Валандово постои од 1989 година – посочи Камчев.

Според документите од Институтот за јавно здравје во Скопје, кои денес Камчев ги презентираше на јавноста, од ноември до сега, односно од поставување на нов в.д. директор на комуналното претпријатие по последните локални избори, направени биле двете задолжителни контроли на водата, во кои меѓу другото се проверуваат и тешките метали, а законски се пропишани да се прават два пати во годината, согласно правилник на Агенцијата за храна и ветеринарство.