Бугарскиот амбасадор Жељазко Радуков денеска бил повикан во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, каде му бил упатен устен демарш поради употребата на терминот „северномакедонски“ од страна на шефицата на бугарската дипломатија, Велислава Петрова-Чамова.
Муцунски во изјава за „Еуроњуз“ вели и дека Бугарија треба да го препознае стратешкиот момент и со Македонија да отвори дијалог. За прашањата поврзани со македонскиот идентитет, историја и јазик, порачува дека нема можност за преговори.
-Она што мислам дека Бугарија мора да го направи е да го препознае стратешкиот момент додека тој се уште постои. И мислам и се надевам дека Бугарија ќе ги препознае можностите што постојат дека ќе отвори дијалог со нас. Ќе продолжиме да правиме се што е потребно на нашиот Европски пат за да бидеме најдобриот можен кандидат. Но од друга страна, не сме подготвени да преговараме за прашања што се поврзани со нашиот национален идентитет, нашата национална историја, нашиот јазик. За жал, тоа е наратив што е создаден и туркан од Софија. Тоа се дебати за историчари, тоа ссе дебати за академици. Нека дискутираат и нека зборуваат врз основа на објективни факти. Улогата на политичарите и лидерите треба да биде да гледаат напред , да зборуваат за прашања што обединуваат, изјави Муцунски.









