Основното јавно обвинителство Скопје спроведе истражна постапка против 30-годишниот скопјанец кој вчера со нож го уби својот татко, за време на семејна расправија. Синот му нанел на таткото 30 убоди во вратот и градниот кош, соопшти денеска Јавното обвинителство. Оттаму се бара притвор за осомничениот.
„Осомничениот 30–годишник, на 12 јули, со умисла го лишил од живот својот татко. Откако во домот дошло до расправија и физички напад меѓу таткото и мајката на осомничениот, синот зел нож и во дворот го нападнал таткото, нанесувајќи му повеќе од 30 убоди во вратот и градниот кош. Таткото починал на лице место“ се наведува во соопштението на обвинителството.
Во текот на истражната постапка, јавниот обвинител ќе преземе повеќе дејствија со цел прецизно утврдување на мотивите за настанот, а ќе биде извршено и психијатриско вештачење на осомничениот.
Во јавноста веќе се појавија повеќе шпекулации за можната психичка состојба на осомничениот. Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од истрагата, објавија дека тој наводно себеси се сметал за пророк и на блиски лица им наметнувал сопствени убедувања. Овие информации засега не се официјално потврдени од надлежните институции.
Според претходните информации од Министерството за внатрешни работи, трагедијата се случила по семејна расправија во домот. Првичните сознанија се дека 52-годишниот татко, кој наводно бил под дејство на алкохол, физички ја нападнал сопругата, по што нивниот син интервенирал со нож.
Телото на починатиот е предадено на обдукција, а осомничениот се наоѓа во притвор до одлуката на судот за мерките што ги бара Обвинителството.









