Судот го ослободи Никола Груевски во случајот „Талир 2

0
36

Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски во предметот „Талир 2“, кој се однесуваше на обвиненија за пречекорување на службените овластувања и противправно финансирање на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

При образложението на пресудата, судијката Даниела Алексовска истакна дека при одлучувањето биле земени предвид измените на Кривичниот законик од 2023 година, поради кои било изменето и обвинението.

Според Судот, и покрај измените на обвинението, доказите и утврдените факти останале непроменети, но обвинителството не успеало надвор од разумно сомневање да докаже дека Груевски го сторил делото пречекорување на службените овластувања.

Алексовска посочи дека Судот во целост го прифатил ставот на Апелацискиот суд дека измените на Кривичниот законик се во директна корист на обвинетиот. Таа нагласи дека ослободителната пресуда е директна последица на законските измени од 2023 година, а не на различна оценка на доказите.

Според Судот, иако претходно истите докази биле доволни за да се утврди злоупотреба на службената положба, по законските измени тие не биле доволни за да се докаже кривичното дело пречекорување на службените овластувања.

На објавувањето на пресудата присуствуваа адвокатите по службена должност на Никола Груевски, како и правните застапници на ВМРО-ДПМНЕ. Судот одлучи трошоците за постапката да паднат на товар на Буџетот на државата, а го одби и барањето на Обвинителството за конфискација на партиското седиште.

Пресудата не е правосилна и против неа е дозволена жалба пред повисок суд.

Предметот „Талир 2“ повторно беше отворен по одлуката на Апелацискиот суд од јануари 2024 година, кога првостепената пресуда беше укината поради измените на Кривичниот законик. Во првото судење, во 2022 година, Груевски беше неправосилно осуден на шест години затвор, но постапката беше вратена на повторно судење.