Американскиот претседател Доналд Трамп отвори нов фронт со Канада, заканувајќи се со воведување нови царини поради чадот од стотиците шумски пожари што се прошири над северниот дел на САД и предизвика сериозно загадување на воздухот.
Во објава на социјалната мрежа Truth Social, Трамп ги обвини канадските власти за „намерна небрежност“, тврдејќи дека САД непотребно се изложени на „валкан, загаден и нездрав воздух“. Тој најави дека ќе разговара со канадскиот премиер Марк Карни и ќе бара одговорност за, како што оцени, лошото управување со шумите.
Според Канадскиот информативен систем за шумски пожари, во петокот низ земјата биле активни околу 888 пожари, од кои најголемиот дел се надвор од контрола. Само во Онтарио беснеат повеќе од 190 активни пожари.
Изјавата на Трамп предизвика нова политичка полемика меѓу двете соседни земји. Додека дел од републиканците ја обвинуваат Канада дека чадот ги загрозува американските граѓани, премиерот на Онтарио, Даг Форд, возврати дека наместо критики, Вашингтон треба да испрати противпожарна помош.









