ВИДЕО: Работнички во солзи, Шкупи во 89. и 92. минута ја грабна Лига Европа!

0
72

Екипата на Шкупи обезбеди квалификации за Лига Европа, откако во супер-драматичен финиш, во дерби дуелот во последното коло против Работнички славеше со 1-2 (0-0).

Чаирчани беа на работ на амбисот, затоа што губеа пред самиот финиш. Но, кога беше најпотребно го одиграа најдобриот фудбал и го фрлија Работнички во очај. Баже Илијоски даде гол, дебармаалци водеа, но во 89. и 92. минута пропуштија шанса шести пат по ред да ја претставуваат Македонија во Европа. Одговараше и реми, меѓутоа се случи невозможното, дербито заврши лудо, со хепи-енд за Шкупи.

Дуелот во Скопје не беше допадлив, не изобилуваше со сериозни шанси, а двата тима играа доста претпазливо. Првата шанса на мечот пристигна во 16. минута кога шутираше Ацковски, но обидот заврши крај дирекот, а десет минути подоцна обид имаше Исени за Шкупи, но и тој не погоди. Во 40. минута, Исени пак имаше шанса, но Јанков одбрани, за потоа вториот дел да мине во тотална претпазлива игра и големо тактизирање.

Првиот погодок на мечот го постигна Баже Илијоски. Најискусниот фудбалер на домаќинот стрела во 84. минута, откако пред голот на Шкупи доби топка од Чинеду и со леснотија ја стресе мрежата на чаирчани.

Кога сите очекуваа крај, Шкупи ги одигра можеби најдобрите минути оваа сезона, комплетно изненади и даде два брзи гола.За првиот погодок кој пристигна во 89. минута, Велиу нафрли од левата страна, а Устабаши ја начека топката и ја заби во мрежата на домашните.

По примениот погодок следеше и мала нервоза во тимот на Работнички, Стојчевски заработи црвен картон, па во 92. минута Шкупи ја искористи бројчаната предност при еден центаршут пак даде гол. Устабаши беше човек на одлука, со нов гол, повторно по асистенција на Велиу.

Шкупи ја завршува сезоната на четвртото место во ПМФЛ, зад Шкендија, Вардар и Академија Пандев и втора година по ред ќе игра Европа.