Хируршкото одделение во струшката општа болница е под клуч. Лекарите и другиот медицински персонал се во карантин. Во функција е само хируршката амбуланта. Ова е затоа што повеќе од 50% од здравствените работници во ова одделение се заболени од мали сипаници, морбили. Комисијата за хоспитални инфекции во рамките на болницата вчера ја донела ваквата одлука, а денес за тоа биле известени Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и Републичкиот санитарен инспекторат, објави Алсат М.
„Вчера се донесе одлука привремено да биде затворено хируршкото одделение и да не се примаат пациенти кај нас, односно да се препраќаат во најблиските болници каде треба соодветно да се згрижат. Во Македонија е прогласена епидемија на морбили, но интересна работа е што нашиот медицински персонал скоро 50% од нив се разболе од морбили и е фактички нефункционален“, рече Владимир Кочовски- началник на хируршко одделение.
Веќе закажаните пациенти за операции биле информирани за новонастанатата ситуација, а итните случаи ќе се препраќаат во Охрид или во други болници.
„…Екипа не може да се оформи затоа што сме десеткувани. Пола од хирургија и анестезија која се наоѓа кај нас е на боледувањe“, додава Кочовски.
Првично рокот до кога хирургија ќе биде затворена е 28 мај, а што понатаму никој не знае.
Лекарите не ја исклучуваат можноста рокот за неработење на хируршкото одделение во Струга да биде продолжен и после 28 мај. Последните информации од Центарот за јавно здравје говорат дека бројот на заболени од морбили во Струга е 126, а само на хирургија има заболено 14 здравствени работници.
Инаку градската болница во Струга покрива голема територија на население од околу 60 илјади жители. Но, тука на операции доаѓаат и пациенти од други градови од југозападниот дел на Македонија, од истокот, но и од соседна Албанија. Годишно тука се изведуваат околу 1.600 операции, пред сè на жолчка, на карцином на дебелото црево, на желудникот и на гради.