ИЗВРШНИОТ КОМИТЕТ НА ВМРО-ДПМНЕ ЌЕ ОДЛУЧИ ЗА ОДЗЕМАЊЕТО НА МАНДАТОТ НА ИЗБЕГАНИОТ ПРАТЕНИК ГРУЕВСКИ

0
70

 

Собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања утре ќе ја почне расправата за одземањето на пратеничкиот мандат на избеганиот Никола Груевски. Комисијата се одржува по Известување од претседателот на Собранието Талат Џафери дека Груевски над 6 месеци неоправдано отсуствува од работа, доставено на 15 мај 2019 под архивски број 09-2845/1,објави сдк.мк

Досега нема заеднички став на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ како ќе гласаат во Комисијата, а потоа и на пленарна седница за предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, додека портпаролите на партијата упорно праќаат сигнали дека осудениот и обвинет Груевски бил жртва на политички прогон.

ВМРО-ДПМНЕ најавува дека Извршниот комитет ќе донесе одлука за одземањето на мандатот на избеганиот почесен лидер на партијата Груевски. Можно е по последните случувања, со пратеникот Павле Богоевски кој си поднесе оставка од морални причини и по чистката во СДСМ, лидерот Христијан Мицкоски да одлучи да се одземе тој мандат, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Но истите извори од партијата прашуваат: „И што со тоа? Да не го вратат Груевски од Унгарија?“.

Член 65 од Уставот, „На пратеникот може да му биде одземен мандатот кога е осуден за кривично или друго казниво дело што го прави недостоен за вршење на функцијата пратеник, како и за неоправдано отсуство од Собранието повеќе од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“. Според последната реченица, пратениците само ја верификуваат и формализираат задачата што им ја дава Уставот и која тие мора да ја исполнат.

Седницата на Комисијата утре нема да ја води нејзиниот претседател, пратеникот во оставка Павле Богоевски, туку заменичката-претседател Снежана Калеска-Ванчева. На 23 мај 2019 кога ја најави оставката, Богоевски ги повика колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не го бранат криминалецот во бегство и да имаат доблест да гласаат да му биде одземен мандатот, бидејќи не се појавил на работа повеќе од 6 месеци, а отсуството, како што бара Уставот од секој пратеник, тој не го оправдал.

Богоевски рече и дека ја дава оставката тогаш, но ќе стапи во сила по гласањето на пленарна седница за одземање на пратеничкиот мандат на шест месеци неоправдано отсутниот Никола Груевски./сдк.мк