Фетаи на „Монструм“: Може да сослушаме и по 15 сведоци на ден, а не вака со неколку

0

Судењето за петкратното убиство кај Смилковското езеро денес продолжи со доказна постапка. На рочиштето повикани беа 4  сведоци на одбраната. На оваа бројка реагираше обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи со укажување дека на рочиште би можело да се сослушаат и до 15 сведоци и да се обезбеди поефикасно и навремено завршување на постапката за „Монструм“.

СЈО реагираше  и на фактот што адвокатите на обвинетите наместо да повикаат сведоци кои биле сослушани во првата постапка, повикале и нови сведоци. За новоповиканите сведоци потребно е претходно да се произнесат и СЈО и судот.

За петкратното убиство кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење, објави мкд.мк.