Хрватска отвора центри за поддршка на бранителите

0
220

 

Министерството на хрватските бранители и локалните власти во Дарувар, Петриња, Сињ и Шибеник, потпишаа договори за изградба на нови центри за бранителите, кои учествувале во војната 1991-1995, објави  balkaninsigt.com.

Овие центри ќе се грижат и ќе им помагаат на бранителите и ќе им обезбедат основна физичка рехабилитација и спортски, рекреативни и едукативни активности.

Министерот за одбрана, Томо Медвед, изјави дека со помош на европските фондови, министерството ќе го подобри системот на грижа за бранителите и жртвите на Татковинската војна во Хрватска.

Како што објави хрватската Нова ТВ, речиси 330 милиони куни (околу 44,5 милиони евра) од европските фондови, ќе бидат потрошени за овој проект. Центрите ќе бидат отворени за една и пол година.

„Ќе создадеме претпоставка дека во одреден момент во нашите центри може да престојуваат околу 500 бранители“, додаде Медвед.

Експертите велат дека многу хрватски бранители сé уште имаат потреба од терапија, поради посттрауматското стресно нарушување (ПТСН).

Според студијата на воениот психолог Зоран Комар од 2015 година, „Самоубиство на хрватските бранители во Загреб и во Хрватска“, од крајот на војната, до 2014 година, вкупно 2.734 бранители извршиле самоубиство.

Според податоците на Владата од 2012 година, во Хрватска има околу 500.000 поранешни борци, кои учествувале во војната во Хрватска, во периодот 1991-1995 година. Но, нема информации за тоа кај колку од нив е дијагностициран ПТСН.

Медвед овој месец се најде на удар на критиките, бидејќи речиси 25 години по завршувањето на војната во Хрватска, бројот на бранители е зголемен за 1.687 лица, што, според критичарите, би значело нови трошоци за државата.

Медвед одговори дека ова не значи оти секој од нив задолжително ќе добие пензија и додаде дека министерството претходно усвоило план за развој и обезбедило финансии.

Во декември 2017 година, хрватската Влада усвои нов Закон за бранители, во кој стои дека лицата, што сѐ уште немаат статус на бранител, можат да аплицираат за негово добивање, иако првичниот рок за аплицирање истече во 2009 година.

Законот им дава на хрватските бранители и на децата на загинатите или невработени бранители предност пред другите кандидати кога аплицираат за работа во јавниот сектор, што предизвика критики.

Хрватските бранители имаат минимална загарантирана пензија, повисока од пензијата на другите пензионирани граѓани.

Хрватските организации на бранители имаат и политичко влијание и тие често го користат.

Така, во 2013 година, тие ги предводеа протестите против поставувањето на двојазични натписи на хрватски и на српски јазик и писмо, на таблите на државните институции во Вуковар, а одржаа и 18 месечен протест, стационирани во шатор поставен пред Министерството за бранители, барајќи оставка од тогашниот министер. Протестот заврши во април 2016 година.