Дескоска: Очекувам ВМРО ДПМНЕ да се повлече од барањето за скриена амнестија

0
196

Преговорите меѓу министерката за правда и претставниците на ВМРО ДПМНЕ околу новиот Закон за Јавно обвинителство, продолжуваат. Дескоска рече дека се надева оти Законот ќе биде изгласан со консензус и дека партиите ќе се откажат од барањата за скриени амнестии.

„Се надевам дека ќе успееме да постигнеме консензус со принципите кои ни се зададени од Европската унија за владеење на правото. Се надевам дека созрева свеста кај политичките партии дека она што значи барање за амнестија, не смее и не може да биде.

Нашето инсистирање да нема можност за скриена амнестија е принцип од кој не можеме да отстапиме, затоа што само закон кој ќе содржи решенија сосодветни на европските вредности е закон кој ќе биде позитивно оценет“, кажа министерката за правда Рената Дескоска.

Таа очекува дека ВМРО ДПМНЕ ќе го повлече барањето за амнестија.

„И кај нив мислам дека мора да созрее свеста дека такво нешто не е дозволено и не може да се стави во закон“, рече Дескоска.

И премиерот Зоран Заев очекува да се постигне консензус. Рече дека за Законот за јавно обвинителство имале средби и со претставници од независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ, со Алијансата на Албанците и со Беса.

Од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека денеска се сретнале со  амбасадорот на Сојузна Република Германија, амбасадорката на Обединетото Кралство на Велика Британија и амбасадорот на Кралството Холандија Пломп.

„На средбата беше искажана силна амбасадорска поддршка за заложбите оваа група пратеници да биде дел од натамошните реформски процеси во земјата, преку законски решенија, земајќи активно учество во нивно изготвување и подобрување“, велат од Независната пратеничка група.