Поранешниот премиер Никола Груевски тврди дека не се криел во багажник од автомобил при бегство од државата.
Груевски, на кого Собранието на почетокот на неделата ја констатира неговата оставка на функцијата пратеник, на својот ФБ профил напиша дека никогаш не му паднало на памет да влегува во багажник за какви било цели.
„На памет не ми паднало во животот да влегувам во багажник за било какви цели. Вистината ја знае и Заев. Заминав бидејќи во Македонија се водеа политички мотивирани процеси против мене во кои што однапред се знаеја пресудите нарачани од него лично, иако не постоеја никакви правни аргументи, никакво сторено кривично дело, а според тоа ниту докази. Заминав бидејќи во затворот ми подготвуваа линч. Вистината е дека заминав многу лесно и едноставно, а тој пред некој ден потроши четвртина од емисијата за отчет говорејќи за мене и како сум заминал, со лажење и со фантазирање. Па, потоа почна да го лаже и светот преку меѓународните медиуми“, напиша Груевски на неговиот профил на социјалната мрежа.
Премиерот Зоран Заев во интервју за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека се знае како Груевски избегал од земјата.
„Со лифт се симнал во подрумот, а потоа се сокрил во багажникот на автомобилот со кој бил изнесен од земјата. Во Албанија го чекало унгарско дипломатско возило“, рече премиерот Заев за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“
Тој во интервјуто првпат откри детали од бегството на Груевски за кои досега се шпекулираше во јавноста. Од Обвинителството не ги потврдуваат тие информации. Заев тврди дека ја знае траекторијата на движењето на Груевски во клучните часови на бегството од земјата.
Груевски избега во Унгарија откако беше осуден на казна затвор за случајот со набавката на луксузниот мерцедес. Тој таму доби политички азил.