Тетово – Урбанистичкиот хаос во државата го направија самите институции. Се носат закони што се косат меѓусебно. Урбанизмот се гледа само преку призмата на парите, а урбанистичките планови ги носат луѓе од други професии, вели универзитетскиот професор по урбанизам Енис Јакупи во интервју за „Независен весник“.
Државата никако да излезе од урбанистичкиот хаос. Оваа влада кога беше опозиција го критикуваше Законот за легализација на бесправни објекти, но сега и таа го продолжи, а во меѓувреме и не се работи на решавање на проблемите од областа на урбанизмот?
Идејата и концептот на Законот за легализација беше добар, но неговото менаџирање беше многу лошо. На пример, секој објект се легализираше со еден елаборат и никаде не пишуваше што треба тој да содржи, а најголем проблем е што овие објекти што ги легализиравме ги легализиравме каде што имавме патишта, каде што имавме зеленило, спортски објекти, а некој тука изградил зграда. Овој хаос што го направивме сами треба да го решиме. Сега треба да се измислат нови правилници за урбанистичко планирање и нови правилници за просторно планирање, дека и просторниот план од 2000 година сè уште не е приспособен на европски стандарди, па потоа да носиме урбанистички планови. Тука сакам да додадам дека ние се стремиме кон ЕУ, чекаме датум, а во ЕУ нема дивоградби. Треба да се дејствува превентивно, а не постојано да измислуваме некакви закони за легализација. Го поминавме тој процес и сега треба легално да се работи.
Голем дел од инфраструктурните планови на општините и на централната власт не можат навреме да се реализираат, а некои и воопшто не се реализираат. Зошто?
Да, така е, а за тоа ќе ви дадам едноставен пример. Сега во изготвување е новиот генерален урбанистички план за Тетово и согласно Законот за високо образование, универзитет можеш да отвориш во кој било дел на Македонија. Согласно Законот за урбанизам, треба да имаш одредена маркица или одредена површина за универзитет, а оди низ Македонија – во секој трговски центар има универзитет. Значи, самите закони во државата се косат меѓу себе и се противречни. Еве, во Тетово има универзитетски кампуси, а во Гостивар урбанистички можеш само во Бањица да отвориш универзитет, а во центарот на градот имаш три универзитети. Затоа е создаден овој хаос.
Дали сметате дека имаме добри урбанистички решенија?
Порано имавме подобри урбанистички решенија. Знаете зошто, ние сега даваме урбанистички решенија со максимален простор, даваме линија на градење без да се излезе на терен. Тие претпријатија за урбанизам треба да имаат тројца или четворица архитекти со лиценца за овластување за урбанизам. На пример, јас сум од Гостивар, работам некој план за Струмица, а во Струмица не сум, значи не се оди на терен, а тие што ги водат претпријатијата не се ни урбанисти.
На национално ниво имаме просторен план кој е донесен во 2002 година кој важи до 2022. Колку од овој план е реализирано и кои се вашите сугестии и прогнози за новиот просторен план кој треба да се изработи?
И тука имаме големи проблеми. На пример, според постоечкиот просторен план, кој завршува за околу две години, проектот „Луково Поле“ требаше да се реализира, Шар Планина требаше да стане национален парк, но не стана. Тој просторен план кога се правел се предвидувало дека во Македонија во 2022 ќе има 2 милиони жители, а сега тие ги нема. Затоа мора да се изработи сосема нов просторен план кој не треба да се базира на стариот, многу работи се сменија и многу малку од планираното се реализираше. Не е реализиран Коридорот 8 кон Албанија. Тогаш кога се правеше планот беше приоритет Коридорот 8, но сега кога ќе се прави нов план за мене поголем приоритет е автопатот Призрен – Тетово отколку за Албанија. Дека од Призрен до Драч си за час и половина. Затоа велам, ако не се реализираат некои планови од стариот план, кога ќе се прави новиот план, ќе треба да се види што е сега приоритет за во иднина.
Целиот Полошки Регион е практично споен инфраструктурно и зависен еден од друг. Но ретко општините соработуваат во поглед на заедничко решавање на проблемите, тие ги решаваат парцијално проблемите. Дали се согласувате со ова?
Во право сте. Во еден Истанбул со 15 милиони жители побргу можеш да стигнеш до болница, отколку ако живиш во некое тетовско село и треба да одиш во тетовската болница. Мора да има концепт и соработка. Не може градежен инженер да биде урбанист. Ние преку урбанизмот ги гледаме само парите и преку него сакаме да се богатиме, не ја гледаме практичноста и можноста за покомотен живот на граѓаните за цивилизиран урбан развој. Затоа треба што побрзо сите институциите да седнат на заедничка маса и да ги викнат на таа маса експертите да дадат свои ставови, мислења и слично. Замислите се прави ГУП за Тетово, а ние како Тетовски универзитет не сме повикани, барем требале да нè повикаат ако ништо друго.