Холандија ги одвои Албанија и Северна Македонија на патот кон ЕУ-ја блокираше Тирана

0
245

Холандскиот парламент синоќа изгласа резолуција со која се бара од владата на премиерот Марк Руте да не поддржи почеток на пристапни преговори за ЕУ со Албанија, но ја отфрли истата ваква резолуција за Северна Македонија, предложена од опозициската Социјалистичка партија.

Тоа значи дека парламентот во Хаг и испраќа порака на холандската влада дека може во Советот на ЕУ да поддржи старт на пристапни преговори со Северна Македонија, но не и во пакет со Албанија.

Резолуцијата бара да не се отворат преговорите со Тирана во 2019-та година пред сѐ поради недоволен напредок во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата. За неа гласаа три од петте владејачки партии. 

Ваквото мислење се совпаѓа со она на холандската влада. Според министерот за надворешни работи, Стеф Блок, отворањето пристапни преговори со Албанија е избрзана одлука.

Резолуцијата за Северна Македонија преку која неколку холандски пратеници бараа исто така да се блокираат преговори со нашата земја беше отфрлена од мнозинството во холандскиот парламент.

Ова претставува прв можен чекор кон одвојување на Северна Македонија и Албанија во Советот на ЕУ, доколку Холандија како земја членка на ЕУ побара од Советот да го усвои ваквиот пристап и при одлучувањето за пакетот Албанија-Македонија на 18-ти јуни во Луксембург, или на следниот состанок кон крајот на јули во Брисел.