Пациенти со рак вратени без терапија-на Онкологија велат ќе има лекови во вторник

0
185

Пациентите кои денеска отишле да подигнат терапија за рак на кожа биле вратени со образложение дека го нема лекот Зелбораф објави НОВА Пациентите реагирале до редакцијата на НОВА. Тие тврдат дека во изминатиот период, особено во последниот месец останувале без терапија бидејќи на Клиниката за онкологија лекот го немало.

Директорот на Клиниката за онкологија, Нино Васев тврди дека лекот ќе го има од вторник бидејќи постапката со тендерот завршила.

„Тие што не добија лек денеска се вратија, но на сите им е јавено дека терапија ќе има во вторник во 12 часот за да дојдат да си ја подигнат. Лековите се стигнати и во моментот се царинат. Тендерот е завршен и во наредните две години ќе има лекови за сите пациенти болни од рак“, изјави за НОВА, Васев.

Тој вели дека станува збор за лек кој не е на позитивната листа, но Клиниката го набавува од својот буџет. Во моментот има шест нови пациенти со меланом кои треба да се ставата на терапија и уште двајца кај кои се уште се вршат испитувања, вели Васев.

Фирмата „Др. Пановски“, го добила тендерот за да го набавува овој лек. Тендерот што го распиша Министерството за здравство се развлече со месеци и пациентите, како во минатото, често остануваа без терапија. За да им излезат во пресрет на пациентите, на Клиниката дел од лековите ги набавувале на реверс од веледрогериите.
Извор Нова ТВ