Алијанса за Албанците: Лидерска средба и договор за предвремени избори

0
65

Потребно е да се свика лидерска средба на релевантни политички лидери и од власта и од опозицијата во стил на Пржинските средби и на тие средби да се дискутира за најактуелните и најчувствителните прашања, што моментално се случуваат во државата, меѓу кои избирачкиот список, Законот за јавно обвинителство, Законот за пописот на населението, за техничката Влада и за предвремени парламентарни избори.

Ова на денешната прес-конференција го истакна Елми Азири од Алијанса за Албанците. Тој оцени дека Специјалното јавно обвинителство беше последната надеж во државата дека еднаш засекогаш ќе почне судството да се дели од политиката и ќе биде професионално тело, што ќе постапува според законите и Уставот во насока на разрешување на крупните криминални процеси.

За жал, со последниот скандал сите сме сведоци дека судството и политиката се во заемна соработка и тоа го нарушува и угледот на државата во меѓународната заедница, изјави Азири.

Азири праша зошто процесите што биле дел од СЈО, како „Пациент“, „Маџар Телеком“, „Титаник 2“ не се процесуирани досега и дали тука има вмешаност и политиката.

Ние сметаме дека овој скандал овие последни случувања имаат огромни политички реперкусии што се однесува до политичкиот живот во Македонија и се гледа дека на некој начин државата влегува во огромна политичка криза и секој ден што поминува таа криза се повеќе се продлабочува, вели Азири.

Од Алијансата нагласуваат дека тие се заинтесирани за што побрзо да се случат предвремени парламентарни избори и сериозно да се дискутира и да се пристапи кон нивниот предлог СЈО да има обвинител од земјите на ЕУ или САД, зашто, како што велат, сите сме сведоци дека судскиот систем во државава нема капацитет, нема слух, нема желба и нема подготвеност да се занимава и да ги процесуира најкрупните корупциски скандали во државата.