Стартуваше со работа новата патарината кај Смоквица. Патарината официјално започна со работа утрово, скоро година и половина после пуштањето на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквива по која до сега се возеше бесплатно. Според ценовникот на јавното претпријатие за државни патишта за возилата од Б категорија ќе се наплаќа по 100 денари или 2 евра доколку со истите се плаќа во готовина. За останатите возила во зависност од категоријата според ценовникот кој е поставен и на самата наплатна рампа возачите ќе плаќаат од 160 до 430 денари.
Граѓаните кои денеска ја минуваа оваа автопатска делница во најголем дел беа информирани дека во функција е ставена новата патарина. Македонските граѓани разбрале од медиумите, а странските возачи информацијата ја добиле при влезот во државата. За дел од нив цената е во ред, а за дел таа е висока.
Паралено со патарината беше изграден и нов алтернативен пат за жителите од околните села. Истиот се реализираше на барање на граѓаните кои реагираа на поставувањето на патарината и средствата што требаше да ги плаќаат за извршувањето на нивните секојдневни активности во општинскиот центар. Алтернативниот пат од Смоквица до Прдејци е долг пет километри и чини 700.000 евра. Од јавното претпријатие информираа дека тој е направен за да им се излезе во пресрет на граѓаните и покрај тоа што за вакво нешто тие немале законска обврска.
Извор Сител