Охрид ја спушти рампата за ново урбано дивеење

0
184

Охрид ја спушти рампата за ново урбано дивеење. Со 20 гласови „за“ и двајца воздржани, охридските советници на денешната седница го изгласаа мораториумот за градење

Ова значи дека во следниот период нема да се донесуваат и спроведуваат нови урбанистички планови, а се прекинуваат и сите нови постапки за издавање одобренија за градење, надградба и доградба на објекти. Мораториумот се воведува како една од клучните препораки на УНЕСКО да се зачува статусот на заштитено подрачје на нашиот туристички бисер.

Советниците ќе одлучуваат и дали Охрид ќе куртули од постоечките дивоградби. На маса пред нив денеска треба да се најде и Акцискиот план со кој треба да се стави крај на објектите кои му наштетуваат и го узурпираат охридското крајбрежје.

Доколку планот се усвои, сите нелегални угостителски објекти на потегот од J’но до Канео ќе треба да се урнат до септември, а до 1 февруари кога истекува рокот за исполнување на наложените препораки, ќе треба да се урнат и сите останати дивоградби кои ќе бидат регистрирани како критични.

Инаку, контроверзниот охридски советник од редовите на ДУИ Нефи Усеини кој на денешната седница гласаше воздржано, повторно е во фокусот на јавноста откако вчера инспектори проверувале чие е земјиштето на кое Усеини изградил бетонска база во близина на болницата Свети Еразмо. Од МВР не изнесуваат детали, освен дека проверките се прават во рамки на претходно отворени истраги.

Извор канал 5