Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми конечно се изјасни во врска со инцидентот во Мала Речица во Тетово

0
144

Пратеникот на ДУИ, Џеват Адеми, негира дека бил дел од инцидентот со огнено оружје што се случи на свадба во Мала Речица пред околу еден месец каде неговиот син и уште едно друго лице беа ранети. Адеми не сакаше да зборува пред камерата на Алсат. Телефонски ни рече дека бил на прославата, но ги отфрли тврдењата дека пукал со оружје. Неговата реакцијата доаѓа еден месец од инцидентот кој отвори разни полемики во јавноста, па и тврдења дека бил главен виновник за трагичниот настан.

Џеват Адеми, Пратеник на ДУИ:

„Точно е дека моето семејство и јас бевме дел од оваа семејна забава каде десетици луѓе на недоличен начин пукаа со огнено оружје, но не е воопшто вистина дека сум пукал и јас. Јас и моето семејство седевме на маса, а син ми седеше пред мене. Куршумот го погоди во грб. Ова покажува дека дури и јас да сум пукал, не е можно тој да биде ранет бидејќи мојот син седеше спроти мене.“

Адеми исто така признава дека полицијата го сослушала и бара брзо решавање на случајот за, како што вели, да се расчистат сомневањата во јавноста.

Џеват Адеми, Пратеник на ДУИ:

„Јас бев повикан во полиција и дадов изјава. Ми зедоа парафинска ракавица. Затоа ја охрабрувам, како полицијата, така и обвинителството да ја завршат својата работа и случајот да го истераат до крај. Никогаш не сум користел оружје на оваа семејна забава, па дури и остро ја осудувам употребата на оружје на вакви забави каде што честопати жртви се невини лица.“

За овој инцидент десетици граѓани беа повикани во полиција за да сведочат, но сè уште нема конкретен епилог кој пукал. Ранети беа двајцата млади А.Б. и Ф.А од Мала Речица. Од тетовското обвинителство велат дека случајот и понатаму е во предистражна фаза и оти се очекува полицијата да го комплетира предметот за потоа тој судски да се процесуира. Инаку, лани имаше над педесет пријави за употреба на оружје на семејни забави. На три лица им беа изречени казни, а за шест други случаи постапката е во тек.