ИСТОРИЈА: СЕ КАЧИВМЕ НА ТРИГЛАВ ЗА ПЛАСМАН ВО ОСМИНАФИНАЛЕ!!!

0
337

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија е во осминафиналето на Европското првенство, откако со 3:1 (26:24, 30:28, 19:25, 26:24) ја победи Словенија сред Љубљана во последното коло од групата Ц. Нашите одбојкари направија вистинско чудо, нешто што никој не очекуваше… ја замолкнаа полната „Стожице“ и се радуваа на нова историја!

Играа како да немаат што да загубат, без притисок и најдобрата одбојка до сега…

Старт како во транс имаа македонските одбојкари со серија од 6-1, по која италијанскиот стратег на клупата на Словенија, Џулијани бурно реагираше со тајм-аут, но ниту тоа не им помогна. Љафтов со ас-сервис донесе највисоки, 8:2. Македонија беше стабилна во сите елементи, имавме одличен прием, кој овозможуваше Деспотовски беспрекорно да си ја одработи задачата и да ги разигра сите од капитенот, до Милев, Љафтов и средните блокери. Словенија беше непријатно изненадена, како да не очекуваше ваков агресивен старт на „црвено-жолтите“ кој држеа темпо, 13:8, 15:9, 17:12, 21:16… Имавме водство 23:19, но и покрај тајм-аутот на Матијашевиќ не успевавме соодветно да се одбраниме, па Словенците со 0-5 серија изедначија на 23:23 и влеговме во рулет завршница. Македонија имаше втора сет топка, а Гаспарини биеше во аут и со 26:24 поведовме со 1:0.

Користејќи ги грешките на Словенија, Македонија со 2:0 го отвори вториот сет. Но, бргу домашните се стабилизираа и следеше серија од 0-3 (2:3), а потоа и прва предност од 5:8 за ривалот. Но, одличната игра на мрежата, блокот на Маџунков и смеч во аут на Словенците не врати на егал, 10:10. За разлика од претходниот сет овојпат имавме големи проблеми со приемот на сервис, како и со одбраната што не стави во ситуација да бркаме резултат, 17:13, 19:15… Ја смиривме играта во финишот на сетот, стигнавме до 21:20, но со една сервис грешка сами се „исековме“. Но, Љафтов со смеч, а потоа и Николов со блок не вратија на 22:22, за нова драма. И токму тие двајца беа и главната причина што дојдоме до 24:22 и имавме две сет топки, кои за жал не ги искористивме. По тајм-аутот на Матијашевиќ, Чебуљ направи сервис грешка, но дури шестата сет топка ја искористи Македонија за 30:28 и водство од 2:0.

Очајно делуваше Словенија па во третиот сет одлучи во игра да го внесе еден од најискусните Тине Урнаут, па тој успеја да внесе свежина во редовите на домашните но само за момент. Македонија имаше негатива од 5:8 и се врати со серија од 5-0 за 10:8, која се претвори во 7-1, за 12:9 во средината на сетот. Имавме и 15:12, но со серија од четири поени Словенците направија нов пресврт, 15:16 по што Матијашевиќ ги собра момците на минута одмор. Ниту промената на техничарот кај Македонија, Ѓоргиев на местото на Деспотовски, не ги исфрли од колосек Словенците, кои го „наместија“ блокот и ги затворија сите наши решенија. Со 19:25, намали домаќинот на 1:2 во сетови.

Мирно го отворивме и четвртиот сет и имавме водство од 5:4, но следеше серија на домашните од 0-4 за пресврт и 5:8. Се почувствува дека играме со осцилации, но успеавме да го задржиме инатот и силата и храброста, па продолживме да му пркосиме на фаворизираниот ривал. Милев со блок ни донесе изедначување на 15:15, но немавме соодветен одговор за нападот на Словенците и тоа ни донесе нова негатива од 15:18. „Гризавме“ и натаму, бевме во игра, но техничките грешки кои ги правевме му овозможуваа на противникот лесно да се движи кон изедначување во сетови. Неколку сервис грешки во низа ги донесоа домашните на 23:20. Имаа и 24:21, Словенците, но не искористија три сет топки, а Владо Милев ни донесе 24:24, со сервис серијата на Љафтов, Милев и блокот на Николов ни донесоа историска победа и историски пласман во осминафиналето!

Извор спорт.медиа