Охрид ќе почне да урива дивоградби

0
78

Прашање на денови е кога ќе почне уривањето на сите дивоизградени објекти покрај Охридското крајбржје, се закани денес охридскиот градоначалник Константин Ѓеорѓиевски,објави Алсат. Тој вели дека повеќе време за чекање нема. Според акцискиот план кој пред речиси два месеца го изработи општината, на целата територија на Охрид се регистрирани повеќе од 1.000 дивоградби. Од нив, над 400 се во заштитениот појас на езерото, во стариот дел на градот и во Националниот парк Галичица.

„Што се однесува до отстранувањето на бесправно изградените објекти во Охрид, почетокот на акцијата се брои во денови. Јас апелирам до сите кои добиле решенија за остранување на објекти, независно дали се работи за платформи, тераси, бетонски бази и друг вид на нелегално изградени објекти, не ден побрзо, туку час поскоро да почнат сами да ги острануваат…“, рече Константин Ѓеорѓиевски-градоначалник на Охрид.

Но, охридските угостители не се даваат. Испратија писмо до градоначалникот во кое тврдат дека рушењето ќе им го намали прометот за 70%.

Здружение на угостители Охрид:

„Како Здружение на угостители на мнение сме дека ваквата постапка е избрзана и недоволно анализирана. Од друга страна, денес да се разговара за платформите како дивоградби е мошне неоправдано бидејќи истите постојат веќе 14 години и за нив досега никој не се произнесол дека се проблематични.“

Но, Алсат дознава дека на сите сопственици на угостителски објекти од Свети Наум до Даљан веќе им биле доставени решенија за отстранување на дивопоставените платформи во езерото. Исти такви решенија биле испратени и до останатите сопственици на нелегални објекти.