Припадник на ОВК ја одби поканата од Специјалниот суд за воени злосторства во Косово

0
71

Организацијата на ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВ ОВК) објави денеска дека нејзиниот член, поранешниот припадник на ОВК Башким Гаши ја одбил поканата да се јави на распит пред Специјалниот суд за воени злосторства во Косово.

Во соопштението на организацијата се вели дека на Гаши му е сугерирано да се појави пред иследниците на Специјалниот суд наредниот пат кога ќе добие покана,  за „да не создава преседан за другите“.

– Со оглед дека Гаши беше во нашата канцеларија, а поканата му е доставена за 24 септември 2019, но не ја прифатил без дополнителни појаснувања, ние како ОВ ОВК му сугериравме да ја прифати наредната покана и да не создава преседан за другите, се вели во соопштението.

Специјалниот суд со седиште во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК“, го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа оваа меѓународна правна институција ја започна на 14 јануари годинава, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.

Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено неколку десетици (според некои медиуми до 70) поранешни команданти или други припадници на ОВК. Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Првите обвиненија, според приштинските медиуми, се очекува да бидат подигнати до крајот на оваа година.