Сите вработени секојдневно на гроздобер, па во канцеларија

0
210

На гроздобер од утрото во четири часот, па на работа во канцеларијата во Скопје. Сметководители, одговорни за човечки ресурси, вработени во административниот дел, експерти, енолози, директори на сектори – сите вработени во најголемата винарија во земјава секојдневно прво берат грозје на лозовите насади, после работата ја продолжуваат на своето стандардно место, објави фактор.мк. Ова е редовна практика во „Тиквеш“, компанијата во која управува познатиот Светозар Јаневски. Во време кога грозјето стаса за берба и треба да се собере, а сезонски работници нема ни за лек, менаџментот на компанијата одлучил на ваков начин да се „билда тимот“ и духот но и одговорноста на вработените кон компанијата во која работат. Не е изземен никој – па без оглед кој на каква позиција работи секојдневно мора да оди на берба. Од Скопје до Кавадарци со автобус, организирано, меѓу 4 и 5 часот наутро.

Откако ќе се заврши дел од работата предвидена за тој ден, вработените повторно се враќаат назад. На работа, во компанијата во Скопје.

Од „Тиквеш“ неофицијално ја потврдија информацијата и најавија одговор на прашањата на Фактор во кои требаше да кажат дали за гроздоберот вработените добиваат дополнителна дневница, зошто не се ангажираат сезонци и дали тоа е тешко, кој одлучил да се прави ваков „тим билдинг“. Кога ќе стигнат одговорите, Фактор ќе ги објави. Во меѓувреме, практиката не престанува се дури не се собере целиот род.

 

Според официјални податоци кои Тиквеш ги објави на интернет страницата, компанијата поседува 1.000 хектари во сопствени лозови насади, а контролира уште 5.000 хектари.

„Вината на Тиквеш растат на лозја што се облиени од сонце, обработувани со многу љубов и се прават и полнат од страна на врвни експерти во винската индусртрија на светско ниво. Наградите што нашите вина ги освојуваат се крајниот доказ за нашата посветеност кон највисокиот квалитет. Грозјето на нашите лозја се бере рачно и се селктира зрно по зрно, стои на интернет страницата на „Тиквеш“

Фактор веќе објави дека менаџментот на најголемата македонска винарија „Тиквеш“ ги објави податоците од својот бизнис план од кој се заклучува амбицијата на компанијата да ги зголемува приходите од продажба и добивката од работењето. Според планот годинава се очекува продажбата да достигне 28,8 милиони евра и во споредба со лани да биде поголема за 3 милиони евра што е раст над 10 отсто. Станува збор за проектирана продажба на 13 милиони литри алкохол.

Извор Фактор.мк